Во Брисел денеска продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина за употребата на динарите на Косово

Во Брисел денеска продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина во врска со одлуката на Централната банка на Косово за платежни трансакции во динари, односно забраната за користење динари на Косово.

Делегацијата од Белград ќе ја предводи главниот преговарач Петар Петковиќ, кој е и директор на владината канцеларија за Косово и Метохија, а делегацијата од Приштина ќе ја предводи главниот преговарач Бесник Бисљими.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, неодамна ги најави разговорите за денеска и изрази надеж дека страните ќе успеат да ги надминат преостанатите разлики, пишува Косово онлајн.

Сумирајќи ги своите впечатоци од претходната недела, Лајчак на Фејсбук потсети дека минатиот понеделник разговарал за динарот со главните преговарачи. Тој оцени дека средбата била корисна, но дека е неопходно да се продолжат разговорите.

„Неделата пред велигденскиот распуст беше кратка, но интензивна. Во понеделникот бев домаќин на главните преговарачи на Косово, вицепремиерот Бислими и на Србија, директорот Петковиќ, во Брисел за да ги продолжиме нашите дискусии за изнаоѓање функционално решение за луѓето погодени од одлуката на Централната банка на Косово. Сè на сè, тоа беше корисна средба“. – изјави Лајчак.

Според него, двете страни имале можност да ги образложат своите идеи и позиции.

„На крајот решивме дека ќе биде неопходен уште еден состанок. Двете страни ќе се вратат во Брисел оваа недела и се надевам дека во четврток ќе успееме да ја премостиме преостанатата разлика“, рече Лајчак.