Три лица загинаа, а уште едно лице е повредено во лавина што вчера попладне се сруши од планина во Рифелберг во близина на швајцарскиот алпски ски-центар Цермат, соопшти полицијата.
Портпаролот на полицијата во јужниот кантон Вале немаше детали за идентитетот на луѓето зафатени во лавината.
Исто така, не е јасно дали има уште исчезнати. Полицијата во кусо соопштение соопшти дека акцијата за пребарување е прекината. Отежнат е пристапот до подрачјето каде имало многу снег, соопшти претходно полицијата.
Лавината се случила нешто по 14 часот по локално време, соопшти полицијата. Тогаш беше објавено дека најмалку три лица се водат за исчезнати, врз основа на видео снимките и трагите во снегот.
Обилните снежни врнежи и многу силните ветрови ги поттикнаа властите да предупредат на значителен ризик од лавини во алпските региони на југот на Швајцарија.
Зимава веќе 14 лица загинаа во лавини во Швајцарија, во дванаесет одвоени несреќи. Повеќето од нив се скијачи.