Бектеши: Има доволна количина на брашно, нема простор за паника
„Има повеќе од доволна количина на брашно во државата, млиновите имаат задоволителна количина на залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување на брашно, имајќи во предвид дека сите количини на брашно кои и се потребни на државата ги имаме во моментот“. Ова денеска од Тетово го порача министерот за економија – Крешник Бектеши по денешната посета на млин во селото Порој.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина на брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови“ – рече Бектеши.
Министерот кажа дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, што не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.