Пендаровски – Борел: С. Македонија е докажан партнер на ЕУ, блокадата на пристапните преговори е неодржлива

Македонскиот Претседател – Стево Пендаровски денеска го прими високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија – Жозеп Борел.

Пендаровски ја оцени посетата на Борел на земјава и на регионот како потврда за посветеноста и поддршката на ЕУ за Западниот Балкан, особено во светло на новата геополитичка реалност во Европа.

Пендаровски подвлече дека отпочнувањето на пристапни преговори за земјава е тест за кредибилитетот на Европската Унија. Со новите геополитички динамики, ние не зборуваме за забрзување на нашиот процес, имајќи предвид дека Северна Македонија и Албанија имаат одлука за започнување на пристапните преговори од Советот на Унијата уште од март 2020 година.

Тој повика на брза реализација на стратешките одлуки во однос на политиката на проширување. Северна Македонија, рече претседателот Пендаровски, се докажа како кредибилен партнер на Европската Унија и нејзината натамошна блокада за отворање на пристапните преговори, заедно со Албанија, е неодржлива.

Дискутирајќи за руската воена инвазија на Украина и нејзиното влијание врз безбедноста на европскиот континент како целина, соговорниците ја реафирмираа потребата од итно стопирање на руските воени дејствија во Украина, враќање на поредокот на меѓународното право и што е можно поскоро целисходно зацелување од девастирачкиот напад врз Украина.

Високиот претставник ја поздрави одлуката на земјава за приклучување кон санкциите на ЕУ за Русија, со што Северна Македонија целосно се придружува кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пакетот санкции на Унијата, вклучително и пакетот мерки од 2014-та година.