Започна четврта рунда преговори меѓу Украина и Русија, првпат преку видео врска, напиша на Твитер еден од украинските преговарачи и советник на претседателот Зеленски – Михаил Подољак. Тој истакна дека и во оваа рунда преговори Украина ќе бара мир, прекин на огнот, повлекување на војниците и безбедносни гаранции. 19 дена трае насилство врз украинските градови.
„Четвртата рунда разговори меѓу Украина и Русија во понеделник ќе се фокусира на постигнување прекин на огнот, повлекување на војниците и безбедносни гаранции за Украина“, изјави Подољак, пренесоа британските медиуми.
Украинската позиција останува непроменета во инсистирањето на прекин на огнот пред да се случат разговори за идните односи, рече тој во објавата на социјалните мрежи и видеото што го придружуваше.
„Преговори. 4-ти круг. За мир, прекин на огнот, итно повлекување на војниците и безбедносни гаранции. Тешка дискусија“ – напиша Подољак.