Партиите се здружија во пет коалиции пред парламентарните избори

Пред претседателските и парламентарните избори, политичките партии во земјава продолжуваат со предизборни коалицирања.

На помалку од една недела до официјалниот почеток на изборната кампања дефинирани се пет коалиции – „Коалиција за европска иднина“ предводена од СДСМ, коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалиција „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ и коалиција „ВРЕДИ“ на албанската опозиција.

Самостојно на изборите најверојатно ќе одат ЗНАМ – За наша Македонија и партијата „Левица“.

На 4 април започнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати.

Парламентарните избори се закажани на 8 мај, а до 2 април учесниците на изборите треба да ги достават до ДИК листите со кандидати за пратеници.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера со 24 политички субјекти и организации потпиша Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на коалицијата наречена „Твоја Македонија“.

СДСМ вчера соопшти дека на средба меѓу партискиот претседател Димитар Ковачевски и основачот и претседател на Српската странка во Македонија, Мирослав Јовановиќ, е потврдена проширувањето на Коалицијата за европска иднина.

„Европскиот фронт“ предводен од ДУИ вчера потпиша коалициски договор со Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија. Лидерот на ДУИ Али Ахмети потенцира дека обединувањето околу овој фронт не е привремено, туку е долгорочно, за, како што рече, да ги реализираат и нештата што останале недовршени.

Коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори поптишаа и ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР.

Албанската опозиција на изборите ќе настапи како коалиција „ВРЕДИ“. Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и партиите од коалицијата Европски сојуз за промени (ЕСП), Демократско движење, Движењето БЕСА и Алтернатива, на 17 февруари годинава потпишаа Декларација за обединување во пресрет на претседателските и парламентарни избори.