Мицкоски и Ковачевски на ТВ дуел на 3.април

„Јас се радувам на овој ТВ дуел, бидејќи конечно ќе можеме да чуеме кој каков став има за најважните прашања за државата. Моите ставови веќе ги знаете, меѓутоа се надевам дека во среда ќе можеме да ги чуеме и ставовите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на интерацијата на државата во ЕУ, односите со соседите и за односите во државата виз-а-ви другите етнички заедници“, изјави Димитар Ковачевски претседател на СДСМ, за закажаниот дуел на 3 април на Канал 5 ТВ.

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски очекува сериозна дебата за иднината на Македонија, со понуда за проекти и решенија за проблемите на граѓаните.

„Очекувам на тој дуел да презентираме како ја гледаме Македонија во следните децении, барем јас така ќе бидам подготвен и така ќе настапам. Очекувам успешен дуел кој ќе го привлече вниманието на граѓаните и ќе даде одговор на многу прашања коишто досега немале можност граѓаните да ги слушнат“, изјави по тој повод Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.