„ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа пред историска победа, со квалитетна програма и луѓе, обединета како никогаш до сега ќе дојде до убедлива победа. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ вака обединета не настапила одамна на избори. Сите сили се обединети, а целта е јасна, ДУИ да се симне од власта. Овие избори се историски, клучни за де-ДУИзација во Македонија“ вели адвокатот Александар Михајлоски, еден од реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ во најновото издание на Трилинг.
На прашање дали ДУИ има можност да биде коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ ако победи на изборите, вели „Ако јас би одлучувал, јас не би ги земал во ниту еден случај. ДУИ вршеше деинституцијализација на Македонија, насушна потреба е ДУИ да замине во опозиција, а за работи за кои постојат докази, треба да се сноси одговорност“.
Михајлоски смета дека Никола Груевски не е премиер 10 години, и 7 години не е во државата, па тој не е тема на овие избори.
„Овие избори тема е криминалот и корупцијата, МНАВ инцидентот, неограничената одговорност на политичарите и како тоа да се промени“ вели тој.
Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова во Трилинг рече дека ако стане шеф на државата ќе потпише указ за амнестија за осудените при упадот во Собранието од 27 април.
Михајлоски смета дека „судот во Стразбур утврди дека осудените за 27 април биле осудени во нефер постапка. Во Македонија беше изгласан Закон за амнестија за т.н. хашки случаи, каде беа амнестирани за извршени злосторства врз цивили, и трет момент – политичарите лесно се договорија за измени на КЗ за злоупотреба на службена должност, драстично ги намалија казните. Изгласување на закон за амнестија е најмалку што треба да се направи денеска, созреано е времето да се помилуваат лицата“.
На прашање како денеска би го оквалификувал македонскиот правосуден систем, адвокатот вели „Довербата во судството е 4%, тоа кажува во каква состојба е судството. 20 години работам како адвокат, 90% од луѓето во судот се чесни, но оние 10%, тоа остава сомнеж и фрла дамка на целото судство. Треба да се најдат механизми да се исчисти судството од корумпираните. Судството е темел на една демократија“.
„Ветинг е еден од начините за реформирање на судството. Да се провери имотната состојба на сите инволвирани“ вели Михајлоски.