„Ние сме „соочени со ѕид“ и „војната ќе биде долга“. Ова денеска го изјави францускиот министер за Европа и за надворешни работи – Жан-Ив Ле Дриан, за „Франс Интер“. Дриан истакна дека е песимист и оти најлошото е пред нас.
Запрашан за нападот врз воената база Јаворив, во близина на Лавов, при што загинаа најмалку 35 луѓе, тој оцени:
„Никаде во Украина денес не сме безбедни од бомби. Украина е под оган од руските сили“.
Дриан, одговарајќи на прашањето дали е можно да се воведе ембарго за увоз на руски гас и нафта, посочи дека „нема табу“ и оти „сè е на маса“.
Министерот за надворешни работи прецизира дека оваа војна ќе има последици и врз француската економија.