Жосеп Борел – потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи денеска пристигна во посета на земјава.
На Меѓународниот аеродром Скопје, го пречекаа заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања – Бојан Маричиќ и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава – Дејвид Гир.
Вицепремиерот Маричиќ му посака добредојде на Борел и успешни средби што ќе ги оствари со највисоките државни претставници во текот на утрешниот ден.
„Оваа балканска турнеја која потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи, Жозеп Борел, ја започнува токму од Скопје, е добар сигнал дека ние и регионот остануваме во фокусот на Европската Унија. Во пресрет на утрешниот заеднички состанок со премиерот Ковачевски, покрај другите точки очекувам ќе разговараме за украинската криза и за нашата регионална соработка којашто е препозаена како извор на стабилност и безбедност, како и за заложбите за брза европска интеграција на Западен Балкан кон Европската Унија, во што е можно побрзи рокови“ – напиша Маричиќ на Фејсбук.
Ова е прва официјална посета на Борел на С. Македонија, како висок претставник на ЕУ, во чии рамки ќе оствари средби со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министрите за надворешни работи и за одбрана, Бујар Османи и Славјанка Петровска.
Борел ќе има средби и со лидерите на опозициските партии.