Синдикатите на протест на 2. април и на 1. мај
Сојузот на синдикати на Македонија најавува неколку протести.
На 2 април, ССМ ќе излезе на протест пред Врховниот суд поради одлуката што ја донесе овој суд за одземање на Работничкиот дом.
Оттаму најавија дека и на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот ќе се организира традиционалниот првомајски протест од кој ќе биде испратена порака дека работниците очекуваат најмалку 450 евра минимална плата во првите 100 дена од новата Влада и враќање на хранарината и превозот.
„На 2 април ќе организираме протест од пред зградата на ССМ кој ќе заврши пред Врховниот суд во насока да им покажаме на судиите дека треба да се одважат и побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците имајќи предвид дека ССМ само пред еден месец достави предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази до Основниот граѓански суд Скопје. Во вторник ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом и негово доделување на државата. На државата не и треба уште една зграда, и требаат работници и синдикати”, рече денеска претседателот на ССМ – Слободан Трендафилов.
Тој информираше дека е испратено барање и до Уставниот суд бидејќи Врховниот суд не ја почитувал одлуката на Уставниот суд донесена во 1992 година во која се кажува дека државата нема право да одзема имот на синдикатите.
– Им стоиме на располагање на уставните судии доколку не повикаат за да ги чујат нашите аргументи. Доколку е потребно, ќе се потпишат не само 17-те членови на синдикатите при ССМ, туку и сите 70 илјади членови на синдикатот – рече Трендафилов.
Врховниот суд на 9 ноември лани донесе пресуда со која Работничкиот дом му се одзема на ССМ по што раководството на ССМ побара оставка од судиите што ја донесоа одлуката и поднесе предлог за нивно разрешување до Судскиот совет.