Од државава се бара поврат на 2,2 милиони евра на ЕК злоупотребени преку програмата Еразмус+

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот 2016-2018 година.

Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија, согласно извештајот на ОЛАФ, на 30 ноември 2023 по е-пошта пратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а овој месец Агенцијата примила известување и за конечност на одлуката.

Директорот на Националната агенција Марко Ѓоргиевски на прес-конференција соопшти дека предметот е кај Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но поради предистражната постапка не може да соопшти повеќе детали.

-Во известувањето бевме информирани дека постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус+ финансирани од Европската комисија.

Согласно ова известување, се бара поврат на средства 2. 276. 212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година, рече Ѓоргиевски.

Кога било добиено известувањето, на крајот на минатата година имале состаноци со МОН, Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје, а седница имала и Владата.

Потоа Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ со цел, како што рече Ѓоргиевски, „да ги дефинира следните чекори и се што е потребно да се преземе како институција во однос на нивните наоди, но и да побара насоки како ќе се спроведува повратот на средствата доколку барањето се финализира“.

Во меѓувреме, Националната агенција пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.

-Од таму не информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на средства од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование млади, спорт и култура согласно извештајот на ОЛАФ.