Вартоломеј со порака: Веднаш да прекинат инвазијата и војната!

Апел што е можно побргу да се постигне прекин на огнот и да запре војната и инвазијата“ – упати вселенскиот патријарх Вартоломеј за време на свечената литургија посветена на Неделата на православието.

Повика „инволвираните страни да седнат на масата на преговори и да му дадат шанса на дијалогот“.

На свечената литургија на која присуствуваше и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вселенскиот патријарх истакна дека војната е прекршување на меѓународното право, „кое веќе е правото на мирот“.

„Упатувам апел за итен прекин на огнот на сите фронтови на војната. Насилството и војната не само што не ги решаваат разликите, туку предизвикуваат болка и смрт и создаваат посложени проблеми. Треба веднаш, сега да прекине инвазијата и војната и да се даде нова шанса на дијалогот што во голема мера е средство на помирувањето и мирот“ – порача Вартоломеј.

Паралелно му се заблагодари на Мицотакис за позицијата што ја зазема за војната во Украина како и за испратената помош, додавајќи дека и тие како црква прават сè што можат за да помогнат.

„Сите ние гледаме што се случува околу нас во срцето на Европа, како во 21 век започна и е во тек една неправедна војна, се пролева човечка крв, гинат луѓе, деца остануваат сираци, а жени вдовици, се уништуваат цели градови и села. Мислите и молитвите на сите нас се со нашите украински браќа сите овие денови“ – рече вселенскиот патријарх.