Османи: Формирање на ЗСО по приемот на Косово во Советот на Европа

Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека Косово се обврзало да формира Заедница на српски општини во Собранието со ратификување на договорот од 2013 година, но и со Основниот договор од февруари 2023 година, пренесува Газета експрес.

Османи ова го изјави коментирајќи го писмото што го испрати со косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Собранието Гљаук Коњуфца до известувачот за Косово во Советот на Европа, Дора Бакјоани, во кое тие се обврзуваат дека ќе го спроведат договорот што подразбира формирање на Заедница на општините со српско мнозинство.

„Тоа не е обврска од март 2024 година, туку од основниот договор од 2023 година што беше прифатен од косовската делегација“, рече Османи, додавајќи дека формирањето на ЗСО не се бара од Косово пред приемот во Советот на Европа.

„Моето барање беше во писмото да се вметне дел во кој се вели дека секоја обврска на Република Косово се спроведува согласно уставното право, законите на Република Косово, Уставот и пресудите на Уставниот суд. Ова е нашата рамка, никогаш нема да ја напуштиме“, рече Османи по конференцијата што ја организираа Универзитетот во Приштина и Универзитетот во Арканзас, по повод 25-годишнината од интервенцијата на НАТО на Косово.

Таа додаде дека очекува Комитетот за политички прашања и демократија на Советот на Европа денеска да го прифати извештајот на Дора Бакојани, а потоа Генералното собрание да препорача членство.