Идентификација на дигитални иновациски хабови во државава како дел од проектот Дигитална Европа

Владата, на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација ја разгледа и усвои Информацијата за процес на идентификација на дигитални иновациски хабови во Република Северна Македонија и ги одобри пријавените хабови за настапување на повикот во рамки на програмата Дигитална Европа.

Оваа програма за финансирање на ЕУ е фокусирана на доближување на дигиталната технологија до бизнисите, граѓаните и јавната администрација и се очекува да обезбеди стратешко финансирање, поддржувајќи проекти во пет клучни области: суперкомпјутери, вештачка интелигенција, сајбер безбедност, напредни дигитални вештини и обезбедување широка употреба на дигитални технологии во економијата и општеството.

Со планираниот вкупен буџет од 7,5 милијарди евра (за сите земји) програмата има за цел да го забрза економското закрепнување и да ја обликува дигиталната трансформација на општеството и економијата, со придобивки за сите, но особено за малите и средни претпријатија. Програмата Дигитална Европа е дел од повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 година.