Министерот за одбрана на Украина – Олексеј Резников го нарече терористички рускиот ракетен напад врз воената база Меѓународен центар за мир и безбедност, која се наоѓа западно од Лвов, на 25 километри од полската граница.
„Ова е нов терористички напад врз мирот и безбедноста во близина на граница на ЕУ-НАТО. Мора да се преземе акција за да се запре ова. Затворете го небото!“ – рече тој.
Резников претходно изјави дека во објектот работеле и странски воени инструктори, но не е јасно дали некој од нив бил во базата кога се случил нападот.
Гувернерот на областа Лвов Максим Козицки изјави дека во нападот на воената база западно од Лвов загинале девет лица, а ранети се 57 луѓе.
Тој потврди дека Русија утринава истрелала 30 ракети врз комплексот кој се наоѓа на околу 50 километри југозападно од Лвов и на околу 25 километри од границата со Полска.