Поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, се обрати на форумот за дипломатија во Анталија кој се одржува под покровителство на Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во периодот 10-13 март 2022 година.
Темата на Дипломатскиот форум во Анталија е „Прекодирање на дипломатијата“, а Претседателот Иванов се обрати на панелот на тема „Ревитализација на мултилатерализмот: ОН и подалеку“.
На панелот, покрај Иванов, учествуваа Министерот за меѓународни односи и соработка на Јужна Африка, претставничката на ОН за меѓународни дискусии во Женева и Претседателот на 75-та сесија на Генералното собрание на ОН и поранешен министер и амбасадор на Република Турција.
Сите учесници на панелот се согласија дека се неопходни промени и реформи на ОН и Советот за безбедност.
Во своето излагање, Иванов нагласи дека кризата во Украина ја враќа повторно на сцена дебатата за ОН и Советот за безбедност и нивната поставеност во 21-виот век.
Потсети дека денешните ОН се резултат на состојбата после II Светска војна кога победниците биле мудри и храбри луѓе и го започнале тој проект соодветен за тоа време и тие услови. Сепак, во денешно време тој проект ја губи својата моќ да воспоставува мир.
Истакна дека можни се три модели на функционирање на ОН, прво, да останат како што се, второ, да излезат од воспоставениот модел и да се реформираат, и, трето, да ги користат придобивките од технолошкиот развој и дигитализацијата како начин за носење одлуки.
Според претседателот Иванов, ако системот на ОН остане во статус-кво состојба, после конфликтот во Украина, знаејќи ја позицијата на Русија, нѐ очекуваат долги и тешки преговори користејќи ги сите досегашни дипломатски механизми и искуства. Ако се замени моделот на носење одлуки, да се напушти сегашниот и се замени со нов, современ, постои можност за нивно подобро функционирање.
Третиот модел, пак, според Иванов е да се користат сите дострели и технолошки достигнувања за носење дипломатски решенија, дигитална дипломатија. Нагласи дека ОН се човечка креација и тие, како и секој организам, кога ќе остарат се соочуваат со немоќ, тромавост, помала ефикасност.
Потенцираше дека ОН се најефикасни во кризни ситуации, но, за да се покаже нивната ефикасност, Генералниот секретар на ОН, заедно со Претседателот на Генералното собрание на ОН, мораше, уште истиот ден кога започна конфликтот, да бидат во Киев, а следниот ден во Москва.
На крајот на дискусијата, Иванов им се обрати на присутните со пораката, дека живееме во време на голема неизвесност и дека нѐ очекуваат големи предизвици.
„Човештвото секогаш наоѓа решение во кризни ситуации, и да се надеваме дека и сега ќе најдеме решенија кои ќе бидат од корист за сите, не само за одредени земји. Светот станува сѐ покомплексен и посложен, но и сѐ повеќе меѓусебно зависен, па затоа, помагајќи си себе си, им помагаме на сите“ рече тој.