Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска повторно ќе има средба со претседателот на Турција – Реџеп Таип Ердоган. Во претседателска резиденција во Истанбул, Ердоган ќе организира ручек во чест на Мицотакис.
Грчкиот премиер за време на прес-конференцијата по Самитот на ЕУ во петокот, одговарајќи на новинарско прашање, за средбата рече дека е императив, со оглед на, како што истакна, геополитичкиот предизвик со кој се соочува целиот свет и изрази надеж дека разговорите ќе се одржат во позитивна клима.
Мицотакис додаде дека е позитивен фактот што за време на неговата однапред закажана посета на Патријаршијата, постоеше покана од Ердоган, за која рече дека можеби поводот е неодамнешната негова изјава во Парламентот дека би била позитивна евентуална средба со претседателот Ердоган.
„Грција и Турција се две земји- членки на НАТО. Во суштина сме столбовите на југоисточното крило на НАТО. И кога постојат толку големи геополитички предизвици, логично е да разговараме и да гледаме како да не додадеме и други жаришта на превирања и геополитичка несигурност во, и онака веќе, многу напнатиот европски регион“ – рече Мицотакис.
Додаде дека ставот на Атина е дека „Грција и Турција треба да разговараат“, а „прозорецот е секогаш отворен за дијалог“, но вратата е затворена „за секаква провокација и за секакво оспорување на суверенитетот и суверените права“.