За една недела нови 72 случаи на голема кашлица, 9 деца се хоспитализирани

Минатата недела пријавени се 72 нови случаи на голема кашлица во земјава. Најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 58, а пријавени се случаи и во Куманово – седум, Битола – четири, Дебар и Струга по еден, покажуваат податоците од денешниот најнов извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Од новите 72 случаи, девет се хоспитализирани. Станува збор за седум деца на возраст под една година и по едно лице од возрасната група од 15 до 19 години и од 20 до 29 години.

– Заклучно со 21 март, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 287 случаи на голема кашлица, со инциденца од 15,6/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 247 (86,1 проценти) со зафаќање на петнаесет различни општини, 12 лица живеат во Куманово, 11 лица се од Тетово, во Битола 6, Гостивар три, по два во Дебар и Струга и по еден случај е регистриран од Струмица, Крива Паланка, Кавадарци и Кочани. Заболените лица се на возраст од 1 месец до 78 години (медијана 11,9 години). Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 10-14 години (27,5 проценти), потоа се децата на возраст до 4 години (25,4 проценти), односно 41 случај (14,3 проценти) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 32 (11,1 проценти) се деца на возраст од 1 до 4 години – стои во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број регистрирани случаи – 287, 157 случаи не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

– Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18.01.2024 досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација – се истакнува во извештајот на ИЈЗ.

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека се пронајдени 15.067 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 8.243.