Движење ЗНАМ – За наша Македонија во недела од 13 часот во СРЦ Кале ќе ги претстави кандидатите за носители на листи за пратеници во шесте изборни единици за Парламентарните избори 2024 година.
Портпаролот на ЗНАМ – Никола Мемов денеска рече дека органите на партијата, нејзините извршен и централен одбор, вчера со акламација ја донеле одлуката за нивниот избор.
Носител на листата во Изборна единица 1 е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, член на Извршниот одбор на Движењето ЗНАМ.
Носител во ИЕ2 ќе биде Даниел Стојчевски, м-р по кривично право, директор на ЈП Чистота и зеленило во Куманово и претседател на Општинската организација на ЗНАМ во тој град.
Носител на листата во Изборната единица 3 ќе биде Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија, доктор по историски науки.
Во ИЕ4 листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија и претседател на ОО на ЗНАМ во Струмица.
Листата во Петтата изборна единица ќе ја предводи Весна Бендевска, поранешна пратеничка и член на КСЗД, по професија психолог.
За носител на листата во ИЕ6 е избран Небојша Захариевски, правник и претседател на ОО на ЗНАМ во Тетово.
Мемов рече дека конвенцијата во СРЦ Кале е отворена за сите граѓани кои сакаат да присуствуваат.