Блинкен: Голема израелска воена операција во Рафа би била грешка

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Каиро изјави дека се противи на израелската офанзива на Рафа во Појасот Газа и дека голема воена операција во најјужниот град на палестинската енклава би била „грешка“.

Блинкен, на заедничката прес-конференција со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри, рече дека планираната израелска офанзива е „непотребна“, наведувајќи дека „постои подобар начин за справување со тековната закана од Хамас“.

Коментирајќи ги разговорите во Катар за пауза во конфликтот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците, Блинкен вели дека пречките за постигнување договор се намалуваат, објави „Тајмс оф Израел“.

Америка продолжува да се залага за договор во Доха, рече Блинкен, истакнувајќи дека е тешко да се постигне договор, но оти верува дека тоа се уште е можно. Блинкен истакна дека договорот за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија напредува многу добро, пренесува Ројтерс.

Тој рече дека не може да постави временска рамка кога ќе биде постигнат тој договор. Шестата посета на Блинкен на регионот на Блискиот Исток од почетокот на војната во Појасот Газа, се одвива паралелно со преговорите што се водат во Катар за пауза во конфликтот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците.

Сепак, има малку индикации дека наскоро ќе биде постигнат договор во Доха.