Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за образование и наука, е во континуирана комуникација со раководството на Факулетот за информатички науки и компјутерско инжинерство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”- Скопје и во тек се активности за изнаоѓање времено решение во врска со обезбедувањето соодветен простор за спроведување на наставата на Факултетот, како и реализација на трајното решение.
„Владата покажа дека е цврсто определена кон изнаоѓање решенија за какви било предизвици низ дијалог со сите засегнати страни и на тој начин е пристапено и кон ова прашање“, соопштија оттаму.
Краткорочното решение ќе се дефинира на средба помеѓу претставници на Службата за општи и заеднички работи, во соработка со Факултетот за информатички науки и инжинерство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”- Скопје, согласно владин заклучок.
Владата ја разгледала Информацијата за обезбедување простор за потребите на Факултетот за информатички науки и инжинерство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”- Скопје и веќе ја задолжи Службата за општи и заеднички работи на Владата, во соработка со Факултетот и во конкретен рок од три месеци, да разгледа алтернативни решенија, до реализацијата на трајното решение.
Воедно оттаму информираа дека се одлучни да обезбедат достоинствени услови за настава на студентите на ФИНКИ во предвидениот нов современ објект кој започна да се гради во 2015 година и активно работи на надминување на проблемот што се појави поради стечај на фирмата- изведувач на градежните работи.
Се очекуваат извештаите од ревизијата на проектот и проценката на извршените активности од договорот коишто се во надлежност на релевантни органи, по што веднаш ќе се пристапи кон избор на нов изведувач, што целосно и во ефикасна процедура ќе го изгради новиот објект на Факулетот за информатички науки и компијутерско инжинерство при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј”- Скопје, се додава во соопштението.