Запленети 22 автомобили при заедничка акција на Царина и МВР

Во дводневна заедничка акција на Секторот за контрола и истраги при Царинска управа и Министерството за внатрешни работи запленети се 22 патнички моторни возила со странски регистарски таблици управувани од македонски државјани.

Запленетите возила се од различни марки, а меѓу нив, четири возила се марка „мерцедес“, три се марка „ауди“, две се марка „бмв“, едно патничко товарно возило е марка „тесла“ и други.

Сите возила биле управувани од македонски државјани на територија на Македонија повеќе од 6 месеци.

Против сторителите на прекршоците ќе биде поднесено Барање за поведување прекршочна постапката до надлежниот суд.

Имено, во согласност со законските надлежности на Царинската управа, кои се во согласност со критериумите и условите пропишани во Истанбулската конвенција за привремен увоз, одредби од Царинскиот закон и одредби од Уредбата за спроведување на
царинскиот закон, граѓаните на Македонија и странците можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на С. Македонија за време на нивниот престој, но, најмногу 6 месеци во период од 12 месеци, по што возилото мора да ја напушти територијата на С. Македонија.

Во спротивно ќе треба да се пријават на најблиската царинска испостава во местото каде привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото.