Цената на нафтата во светот порасна за 4 отсто

На светските берзи минатата недела цената на нафтата порасна за речиси четири отсто, надокнадувајќи ги загубите од претходните седум дена, благодарение на проценките дека побарувачката за црно злато може да се зголеми.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за четири отсто – на 85,34 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 3,9 отсто – на 81,04 долари, пренесува Хина.

Избивањето на цената на лондонскиот пазар над 85 долари, првпат од ноември минатата година, следеше по проценките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) дека глобалната побарувачка за нафта ќе се зголеми за 1,7 милиони барели дневно во првиот квартал.

Зголемувањето на проценките на побарувачката уследи по најавата за подобрена економска перспектива во САД и зголемената побарувачка за гориво поттикната од бродовите што пловат по подолгиот пат околу Кејп Добра надеж.

ИЕА, исто така, ја зголеми проценката за растот на побарувачката за целата година, за 110.000 барели дневно, на 1,3 милиони барели дневно, но тоа значи дека растот ќе биде значително побавен од 2023 година поради забавувањето на светската економија.

Цените беа поддржани и од извештајот за неочекуван пад на залихите во САД, бидејќи рафинериите завршија со редовно одржување. Од друга страна, повисокиот раст на цените ја спречува тезата за дополнително забавување на растот на американската економија бидејќи каматните стапки на американската централна банка би можеле да останат покачени подолго од очекуваното.