ВМРО-ДПМНЕ: Да се стопира набавката од 250 милиони евра за транспортни хелихоптери, за тоа да одлучува идната Влада

Откако Владата пред неколку дена ја усвои одлуката Министерството за одбрана да набави транспортни хелихоптери од Италија, а министерката Славјанка Петровска вчера рече дека е уверена во исправноста на оваа одлука, денеска од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека власта треба да ја стопира оваа одлука во изборен период и за тоа, посочуваат дека треба да одлучува идната Влада.

„Надвор од секое нормално дејствување е СДС и ДУИ да вршат избор на тендер од 250 милиони евра на неколку недели пред изборите, во тел на техничка Влада“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, наместо борбени хелихоптери,власта набавува траспорти, со што како што велат, не ја зболемува борбената готовност на Армијата.

„Дополнително никој не знае како е избрана фирмата „Леонардо“ и зошто не се избрани другите компании меѓу кои и американската компанија и германско-францускиот конзорциум“, соопштија оттаму.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат и како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што всушност да се набави.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска вчера изјави дека e уверена во исправноста на одлуката за набавката на осумте хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“ и верува во стручност на тимот што ја донел таквата одлука.