Чаир – МЗТ Скопје ќе се доигра пред празни трибини

По разгледувањето на комплетната документација, Комесарот за натпреварување при КФСМ, Александар Милојевиќ, донесе одлука натпреварот помеѓу екипите на КК „Чаир 2030″ и КК „МЗТ Скопје Аеродром” од рамките на дваесеттото коло, одигран на 14.03.2024 година, да се доигра пред празни тибини.

Екипата на КК „Чаир 2030“ има обврска да достави термин, во најкраток рок, најдоцна до 20:00 часот, денес 15.03.2024 година за доигрување на прекинатиот натпревар согласно актите на КФСМ.

Комплетната одлука за прекинатиот натпревар од 20. коло од Прва лига-мажи: Чаир 2030 – МЗТ Скопје Аеродром

Натпреварот меѓу Чаир и МЗТ Скопје синоќа не го доживеа крајот откако на полувремето гостинскиот тим бил нападнат во соблекувалната.

На полувремето МЗТ Скопје водеше со 44-42 против тимот на Чаир 2030, а во вториот дел кошаркарите на шампионот не се појавија на теренот.

На одморот се случил голем инцидент во кој неслужбени лица ги нападнале кошаркарите и тренерите на МЗТ Скопје.

„Натпреварот на гостински терен кај Чаир 2030 е прекинат по нападот на неофицијални лица врз нашите тренери и кошаркари во соблекувалната за време на полувремето. Во моментов најважно е здравјето и безбедноста на нашите момци, а повеќе детали за инцидентот очекуваме во текот на утрешниот ден!“, се вели во соопштението на МЗТ Скопје.

„За време на полувремето, при напуштање на терен кон соблекувална сите играчи и членови на стручниот штаб беа вербално нападнати од неслужбено лице со закани по физичко здравје. На пат кон соблекувалната физички нападнат беше еден од нашите помошни тренери. Тој беше удрен неколку пати пред да успее да влезе во соблекувалната“, се вели во жалбата поднесена до федерацијата.

Ова не е првпат во салата „Шабан Трстена“ да се случуваат големи инциденти.

Од домашниот тим велат дека немало никаков напад.

„Супер натпревар, брилијантна атмосфера, полна сала и вечер која ќе остане долго во нашето сеќавање затоа што се потврди дека Чаир е храм на спортот. Што се однесува до лажните информации што се појавија во јавноста, целосно демантираме со доказ дека натпреварот се снима од сите агли и од многу медиуми. Таканаречениот ‘инцидент’ е измислен од противничкиот тим и секогаш во моменти кога гледаат дека губат, тие лансираат нереални работи. Гарантираме дека немаше физички контакт во ниеден момент, како во однос на приемот, текот на натпреварот, така и при заминувањето од салата“, се вели во соопштението од Кошаркарскиот клуб Чаир.