„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на овогодишната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на ТРИ и уште по своето објавување ја освои читателската публика. Жири-комисијата составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму овој роман да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакуваните признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година, од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.