Г.г. Стефан: Македонскиот народ е пиреј – трева што не умира и ништо не ја ништи

На денешниот форум „Како да го заштитиме македонскиот идентитет“ организиран од Универзитетот „Скопје“, поглаварот на Македонската православна црква г. г. Стефан рече дека не е ново негирањето на правото на постоење и одземањето на историјата и културата затоа што народот и црквата, рече, одамна се научени на тоа.

– Но, нов елемент и далеку позастрашувачко е тоа што во последниов период не само што сме негирани однадвор, туку самите се самонегираме, самоодрекувајќи се од столбовите на нашиот идентитет. Тажно е кога волкот ќе ги нападне овците, но уште пострашно и потажно е кога нив ќе ги нападне шарпланинецот, кога ќе се оволчи оној чија улога е да ги заштитува паствата од волците. И тажно беше кога однадвор други не негираа застапувајќи ги своите интереси, но неспоредливо потажно е кога самите однатре се негираме застапувајќи туѓи интереси како свои – рече архиепископот додавајќи дека има „некои Македонци со антимакедонски постапки“ кои или за лична корист или во служба на туѓи интереси се подготвени и волни да отстапуваат од македонската историја и македонскиот јазик.

Порача дека се излажале „главните идеолози на таквите обиди на кои нашите им слугуваат“ кои мислат дека нашиот идентитет е како кула од карти која ќе се урне ако се повлече една, затоа што, рече, македонскиот народ е пиреј – трева што не умира и ништо не ја ништи.

Според него, само одржувајќи го христијанскиот идентитет, македонскиот народ ќе го зачува „македонскиот, библиски, јазичен, културен и историски идентитет“.

– Уште Стариот завет нѐ учи да ги почитуваме нашите татковци и мајки и ако ја почитуваме таа заповед тогаш треба да ги почитуваме нашите прадедовци и прабаби по род кои се вложија во градењето на нашата историја и култура, нашата Црква и држава. Доколку останеме верни на прадедовската вера, доколку останеме облечени во Христа тогаш ќе градиме и општество на здрави луѓе кои ќе имаат љубов и одговорност кон својата татковина и кон својот народ. Така меѓу нас ќе нема веќе „кафеави сахиби“ и оволчени шарпланинци, личности кои почитувајќи ги туѓата историја, јазик, вера и култура, по никаква цена не ќе ги раздаваат и продаваат своите. За оние коишто тоа досега го правеле, го просиме Бога да им прости оти не знаат што прават, рече г. г. Стефан.