Христина Ангелеска – најдобриот студент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје со просек 9.94 во интервју за Трилинг образложува зошто се помалку средношколци се запишуваат за да го изучуваат македонскиот јазик и книжевност.
„Младите не се запишуваат на Катедрите за македонски јазик и книжевност, а и од дипломираните мал број продолжуваат научно да се занимаваат со македонскиот јазик. Мислам дека нема финансиска поддршка, нема нови вработувања, нема стипендии, нема финансирани проекти“ – вели Ангелеска.
На прашање кои искуства Ангелеска ги донесе од Хрватска и Германија, таа вели:
„Во Загреб студирав македонска книжевност, како насока два. А во Олденбург вклучена сум во проект, за македонските дијалекти во Албанија“.
Трилинг: Што значи терминот македонизам?
Ангелеска: „Историски, кога се градело чувството за национален идентитет, за осамостојување, ова е повеќе политички отколку јазичен термин. Ова е поширок термин, не опишува нашето минато, сегашност и иднина“.
Трилинг: Како ќе го афирмираме македонскиот јазик во услови кога нема интерес за студирање?
Ангелеска: „Ова што се случува во последните години е стивнување, верувам дека во иднина ќе се врати интересот за студирање на македонскиот јазик. Го промовираме и преку странски универзитети. Негација на еден јазик во 21. век е смешно. Прашањето за македонскиот јазик одамна е затворено“.