На 98-годишна возраст вчера почина академик Јордан Поп Јорданов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Поп Јорданов беше погребан денеска во 12 часот на градските гробишта во Бутел, а во негова чест в петок во МАНУ ќе се одржи комеморативна седница.
Академик Јордан Поп Јорданов е роден на 23 ноември 1925 година во Велико Градиште, Србија.
Гимназија завршил во Штип, во 1956 година дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје (средна оценка 9,94), а во 1960 година техничка физика на Електротехничкиот факултет во Белград (средна оценка 9,32). Во 1964 година докторирал на Електротехничкиот факултет во Белград. Бил на стручно усовршување во Англија, Советскиот Сојуз и Швајцарија. Од 1960 г. работи во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча во повеќе научни звања и раководи со група млади научни работници. Во 1971 година преминува на Електротехничкиот факултет на Белградскиот универзитет, каде останува како редовен професор до крајот на 1983 г., кога се враќа во Скопје.
На редовните и постдипломските студии на Електротехничкиот факултет во Белград држел настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика, а на истиот факултет основал и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика.Предавал и на постдипломски студии на Природно-математичкиот и Филозофскиот факултет и во Центарот за мултидисциплинарни студии на Белградскиот универзитет, како и на Електротехничкиот факултет во Скопје.
Поп Јорданов објавил околу 300 научни и стручни трудови, главно во меѓународни научни списанија и монографии, најмногу од полето на неутронската физика, електричното инженерство, енергетиката и одржлив развој, мозочниот електрицитет и филозофијата на науката.
Неговите главни научни придонеси се однесуваат на неутрониката, електроенергетиката, соларната енергија, одржливиот развој, невронауката и филозофијата на природните науки.
Добитник бил на повеќе награди, меѓу кои: Годишна награда на Институтот во Винча за индивидуално научно остварување (1964); Јубилејна награда на Институтот во Винча за развој на научната област (1968); награда на ВРЕН-УНЕСКО за најдобар труд на Светскиот конгрес по обновлива енергија во Денвер (1996); награда на Светската иновациона фондација за извонреден придонес за науката и човештвото (2003); награда за извонреден придонес на науката на 20 век; награда на Универзитетите во Скопје и во Белград за најдобар успех на студии и др.
Во 1993 година го основал Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, со кој раководел до 2012, и кој се развил во меѓународно афирмиран „центар на одличност“.
Бил член на пет странски академии меѓу кои Њујоршката академија на науките, Меѓународната академија на науката во Минхен, Европската академија на науките и уметностите во Салцбург, Медитеранската академија во Неапол и Светската академија за уметност и наука во Сан Франциско.
За дописен член во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) бил избран на 25 декември 1969 година, а за редовен член на 26 декември 1974 година. Од 1984 до 1991 година бил претседател на МАНУ.