Изгласан Законот за забрана на нефер трговски практики, се очекува да ги намали цените на храната

Законот за забрана на нефер трговски практики, со кој се очекува намалување на цените на прехранбените производи, е изгласан на денешната собраниска седница.

Со усвојувањето и примената на законот, како што посочуваат од Министерството за економија, кое е предлагач на законското решение, се очекува да се влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на зголемување на квалитетот на производите.

„Законот се очекува да ги елиминира неоправданиот и непропорционалниот трансфер на економски ризик од еден трговски партнер на друг или да се наметне значителна нерамнотежа на правата и обврските на еден трговски партнер кон друг. Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика“ – посочуваат од Министерството за економија.

Според ресорното министерство, законот треба да донесе позитивни ефекти во работењето на добавувачите, купувачите и сите други оператори во различните фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Со законското решение се определува и колку процентуално може да изнесува максималниот рабат кој маркетите може да го бараат од производителите и добавувачите, кои сега надминуваат над 30-40 отсто од цената.

„Предвидена е листа на земјоделски и прехранбени производи каде што рабатот ќе биде ограничен на 10 отсто и во склоп на тоа ќе конкурираат меѓу себе синџирите на супермаркети што ќе влијае во намалување на цените“ – се вели во соопштението на Министерство за економија.

Дополнителна надлежност, согласно усвоеното законско решение, добива и Комисијата за заштита на конкуренција која во првите шест месеци од стапувањето во сила на Законот ќе треба да ги усогласи сите нејзини акти и да обезбеди ресурси на технички и технолошки квалификуван кадар за правилна и непречена контрола согласно одредбите наведени во законот.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата за првпат добива надлежност да соработува со Европската комисија и телата на земји членки на ЕУ во постапките за идентификување нефер трговски практики, а особено да разменува информации и искуства за најдобри практики, нови случаи и нови настанати нефер трговски практики, како и мерки за извршување кои се носат во постапка за утврдување нефер трговски практики и давање помош во постапките за утврдување нефер трговски практики кои имаат прекугранична димензија“ – додаваат од Економија.

За непочитување на одредбите од законот за забрана на нефер трговски практики засега во предлог-решението се предвидени глоби до 20 000 евра