Европскиот парламент се подготвува да ја тужи Европската комисија поради нејзината контроверзна одлука за одмрзнување милијарди евра средства за Унгарија кон крајот на минатата година, изјавија за „Политико“ лица вклучени во одлуката.
Собраниската комисија за правни прашања речиси едногласно изгласа – со 16 члена „за“, еден против и ниту еден воздржан – да ја тужи Комисијата за „прекршување на должноста за заштита на парите на даночните обврзници од злоупотреба“.
Во декември минатата година Комисијата деблокира 10,2 милијарди евра замрзнати кохезиони фондови на ЕУ наменети за Будимпешта.
Одлуката беше донесена еден ден пред самитот на ЕУ, на кој лидерите требаше да разговараат за новата помош за Украина и отворањето на пристапните преговори за Киев, потези што унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе ги блокира.
Одлуката на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, да ги одмрзне средствата наиде на реакција кај пратениците во Европскиот парламент, кои ја обвинија дека попуштила пред уцените на Орбан.