
Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ го заврши учеството на Мастерсот во Индијан Велс, откако во третото коло беше поразен од 123. тенисер во светот Лука Нарди – 4-6, 6-3, 3-6.
Италијанскиот тенисер до средбата против големиот шампион стигна како „лаки лузерс“ и ја забележа најзначајната победа во кариерата откако почна да игра професионален тенис. Во исто време, 20-годишникот стана најслабо рангираниот играч кој успеал да го совлада Ѓоковиќ на турнир од серијата 1.000 од 2008 година.
Лидерот на АТП листата не личеше на себе на овој меч. Му недостигаше смиреност, прецизност во ударите, а невообичаено за него беше многу нервозен, што можеби беше предизвикано од стомачните проблеми, поради кои во вториот сет мораше да земе и лек. Својата нервоза ја искажуваше и со дискусиите со главниот судија на натпреварот, што дополнително го оддалечи од потребниот фокус и ја зголеми самодовербата кај Италијанецот.
Сепак, не треба да се намалува феноменалното издание на италијанскиот тенисер кој „растеше“ како одминуваше мечот и на крајот оствари победа која ќе му донесе место меѓу 100-те најдобри тенисери во светот за првпат во кариерата.
Натпреварот во Индијан Велс траеше речиси два и пол часа. Во следниот меч Италијанецот ќе се сретне со Томи Пол од Соединетите Американски Држави, кој во третото коло беше подобар од Французинот, Хуго Амбер – 6-4, 6-4.