Повторно активна веб страницата на МЕПСО по кибер нападот

Веб страницата на Македонскиот електропреносен оператор МЕПСО АД Скопје по минатонеделниот кибер напад, денеска повторно е во функција.

Од МЕПСО на 7. месецов информираа дека се цел кибер напад, но оти целосниот интегритет на електро-енергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени.

Инцидентот, како што соопштија, бил пријавен кај сите надлежни институции согласно препораките и правилата за кибер безбедност, а стручните служби ги презеле сите мерки за ублажување на ефектите од нападот и во соработка со експерти од областа работеле на нормализирање на секојдневната работа на компанијата.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, пак, во изјава за медиумите информираше дека за надминување на проблемот и целосно враќање во функција на компанијата се работело и со меѓународна поддршка.