Педесетина карневалски групи ќе продефилираат на Струмичкиот карневал

В среда, на 13 март, со предавање на клучот на Градот во рацете на струмичките карневалџии, започнуваат осумдневните карневалски свечености, најави градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на денешната прес конференција по повод претстојниот Струмички карневал.

Градоначалникот Костадинов го изрази задоволството од успешното негување на вековната традиција на празнување под маски во Струмица, истакнувајќи дека Струмичкиот карневал е еден од најзначајните културни настани во државата.

Тој ја искористи можноста и да го најави познатиот македонски шоумен, Игор Џамбазов, како водител на Струмичкиот карневал.

Претседателот на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, стави акцент на големиот интерес за учество на карневалот, истакнувајќи дека дел од гостите ќе бидат сместени и во соседните градови Радовиш, Валандово и Дојран.

Тој прецизираше дека во интернационалното карневалско дефиле ќе учествуваат 49 карневалски групи, од кои 20 се гости од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и од Бугарија, а ќе учествуваат и групи од македонските градови Куманово, Пробиштип и Кавадарци.

Имајќи предвид дека во рамките на карневалските свечености ќе биде одбележан и јубилејот – 30 години од приемот на Струмица во Федерацијата на европски карневалски градови – FECC, годинава, на Струмичкиот карневал ќе има голем број гости од FECC, од повеќе европски земји.