Мицкоски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги награди професорите со дополнителни 50% од плата секој месец

Покачување на платите на сите оние професори кои ќе се занимаваат со наука, кои својот труд ќе го објават во влијателно списание, универзититети што ќе бидат горе на Шангајската листа, коренити реформи во образованието, подобрување на условите во училиштата… ВМРО-ДПМНЕ ја претстави програмата за развој на образованието.

„За да се биде на Шангајската листа има два столба. Едниот столб е обврска на државата и со тоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ треба да се позанимава сериозно. Тоа значи државата да обезбеди околина, услови за научно функционирање, опрема и слично. Тоа е дел и обврска на државата, но обврската за наставниот кадар е да објавуваат трудови индексирани со висок фактор на влијание. Нашиот највисок рангиран е Универзитетот Кирил и Методиј и тој е нешто под двеилјадитото место и ние сакаме да имаме наука. Не може вака да има наука. И сето ова е залудно ако основците на време не добијат книги. А немаат книги и тоа ни се случува не затоа што се натпреваруваат концепти, туку се натпреваруваат кој поголема провизија да земе, па една партија има една омилена печатница, друга има друга печатница. На крај од ова учениците се тие кои се негативно изненадени и немаат книги“ – кажа Мицкоски.

Новиот систем на образование ќе предвидува децата да се запознаваат со претприемништво, демократија, општество, различни култури, да почитуваат традиции. Треба да научат како да носат одлуки значајни за животот, како да решаваат проблеми на мирен и конструктивен начин – вели професорката Весна Јаневска.

„Учениците од прво до четврто ќе имаат целодневна настава, а од петто до деветто тие ќе имаат едносменска настава, за да можат се ова кое што го зборуваме да можат да го остварат во училиштето. Се што треба ќе биде заокружено во тој период. За оние деца кои покажуваат посебни афинитети кон науката и образованието и се истакнуваат со своите таленти ќе направиме напредни програми и тие деца освен базата која што ќе ја стекнуваат како сите други, ќе добиваат ментори со кои ќе ги развиваат своите таленти“, дополни Јаневска.

Пратеничката Иванка Василевска најави адекватни решенија со кои ќе се овозможи навистина луѓето да се ослободат од стегите на стравот и партизација.

„Почитувани колеги, бевте многу пати изманипулирани имавте многу тежок пат, тешко се преживува со лошите финансиски услови со кои сите бевме вреднувани во Република Македонија, особено овие 7 години тоа го осетивме сите. Ние уште во јануари со влегувањето во техничката влада покажавме дека можеме да ги поддржиме колегите, нашите универзитетски професори и научници и ви ветувам дека до крај ќе се бориме за вашето достоинство и просторот за работа кој мора да ви е дозволен и даден бидејќи вие несебично работите и со љубов се вложувате за идните генерации во Република Македонија“, заклучи Василевска.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека иднината влада ќе одвојува повеќе средства за наука и другите гранки во образованието со цел да се создаде финансиска самодоверба на младите и на развиените научници, кои ќе можат послободно да планираат, креираат, предлагаат и врз основа на нивните резултати да едуцираат.