„Поворка на живите“ во знак на сеќавање за холокаустот на Евреите

Холокаустот беше мрачна епоха која нѐ задолжува да градиме заеднички свет за да ги спречиме таквите злосторства, порача министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска од Битола, каде се одржа Комеморативната програма по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи.

Во рамки на одбележувањето низ битолските улици се одржа и „Поворка на живите“ каде бројни граѓани симболично ја изодеа последната патека на своите сограѓани, 3 500 битолски Евреи, жртви на холокаустот, од Здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до Железничката станица од каде што беа депортирани во логорите на смртта.

„Имаме морална обврска постојано да се бориме за соживот и напредок за да успееме да го зачуваме споменот за жртвите на Втората светска војна, потврдувајќи ја нашата истрајност во борбата за мир, слобода и демократија“ – порача министерката Костадиновска-Стојчевска.

Денот на холокаустот во Битола денеска беше одбележан на Еврејските гробишта во Битола во присуство на голема делегација од Израел. Беше положено цвеќе и каменчиња по еврејските обичаи, а Денот беше одбележан и пред Споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на Естреа Овадија Мара.

„Битола како културен и историски центар, но и град страдалник, град кој и 81 година по депортацијата на битолските Евреи не заборава на 11 март, не го заборава трагичниот ден и оддава почит на своите сограѓани. Целта е да паметиме и да не заборавиме, да не се повторуваат тие тажни моменти, а ние како Битола и битолчани, секогаш ќе го чуваме споменот за нашите сограѓани и ќе го чуваме во нашата меморија“ – истакна градоначалникот Тони Коњановски.

Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Република Македонија од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи.