Заврши собирањето потписи – седум кандидати ќе се тркаат за претседател на Македонија

Седум кандидати и официјално влегуваат во претседателската трка.

Од 15 претенденти, седуммина ги собраа потребните потписи – до рокот кој истече на полноќ.

Кандидатите веќе ги исцртаа контурите во кој правец ќе се движи реторитака: единство и одбрана на националните интереси, влез во ЕУ, или излез од НАТО, лов на руски шпиони, да добиеме нов татко на нацијата и армија вооружена до заби.

Гордана Силјановска-Давкова која претендира да биде првата дама претседател, повика за единство, натпартиско однесување, и да се заборават разликите кога се работи за државни национални интереси. Стево Пендаровски уште пред да почне кампањата удри кон своите политички противници, во стилот „само да не се врати ВМРО“.

„Зошто се кандидирав повторно? Тоа го сторив од повеќе причини. Прво, поминав за време на овие четири години низ школата на демократијата како велат Англичаните за Парламентот. Мислам дека многу работи сменив, покажав таму дека пратеникот може да ги претставува граѓаните и да гласа по сопствено уверување“ – рече Гордана Силјановска-Давкова.

„Која е алтернативата на оваа политичка структура? Алтерантивата е трет ешалон на диктатурата на Груевски. Корумпирани и криминализирани уште во негово време, кои само зошто правосудниот систем не сакаше од различни причини да ги однесе во затвор и ден денеска ни продаваат политика и памет дека тие се најдобрата политичка опција. Од таа страна ние немаме политички габарит на чело со нивниот така наречен лидер кој може да понуди алтернативни политики и подобра иднина за Македонија“ – рече актуелниот претседател Стево Пендаровски.

Kандидатите на албанската заедница главно се фокусираат на националистички барања. Бујар Османи освен што ќе ловел руски шоиони, бара следниот претседател да се бира во Собрание. Неговиот ривал од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари дополнително бара промена на Уставот во однос на јазикот.

„Вашата доверба ќе ни овозможи со отворањето на Уставот да го спроведеме и договорот со Бугарија и да ја деблокираме европската интеграција и така да ѝ кажеме на Русија – оди си. Го почнуваме најважниот референдум на нашето време и следната битка за да ја добиеме вашата доверба за да го избереме претседателот во Собранието со двотретиско мнозинство и со Бадинтерово мнозинствл за да ја оствариме нашата визија за консенсуален претседател“, рече Османи.

„Привилегија е да се има доверба од толку многу фактори. Дојде време државата да има претседател Албанец, не технички туку вистински“ – рече Таравари.

Кандидатката на „Левица“ ветува дека Македонија ќе сврти нова страница, Максим Димитриевски зборува за вистинска промена на политичката сцена, а Стевчо Јакимовски ќе се фокусира на борбената подготвеност, на вооружените сили.

„Јас немам идеја што содржи таа работна верзија на партијата со која ќе настапи на парламентарните избори, јас работам на мојата. Тие не се мешаат, не ми прават никаков увид ни цензура во тоа што го работам, ниту јас барам нешто посебно од таа страна. Меѓутоа некако си веруваме дека таа хармонија во нашите написи ќе постои и вредносно и во стилот на борбата. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. Тоа е вториот фактор што ме натера да ја прифатам оваа покана“, рече Ванковска.

„Да изградиме општество кое ќе напредува, општество во кое не е важно од која етничка заедница доаѓаш, нема да е важна партиската припадност, сите ќе имаат еднакви права“ – рече Димитриевски.

„За мене секако една од клучните работи, како најважна ќе биде борбената подготвеност на вооружените сили, ќе се фокусираме на војската, одбраната“ – рече Јакимовски.

Десет илјади потписи се покажаа како недостижна бројка за Мерсиха Смаиловиќ, Вело Марковски, Ѓорѓи Манасков, Зорица Цветковска, Господин Поповски, Гоце Ристов и Драган Николовски.

Ждрепката за редоследот на кандидатите ќе биде направена на 28 март.

Првиот круг е на 24 април, а вториот заедно со парламентарните избори, на 8 мај.