Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека изборите во Белград би можеле да се одржат на 28 април или на 5 мај, кога е Велигден, објави N1.
„Ако претседателот на Собранието на Србија биде избран на 11, 12 или 13 март, не е важно, изборите мора да се одржат до 11 или 12 мај. Значи тие можат да бидат на 28 април, во рокот меѓу 45 и 60 дена, според законот. Па може на 28 април или на 5 мај. А на петти е Велигден. Сакате да имаме избори на Велигден?“, им рече Вучиќ на новинарите за време на обиколката на Воено-техничкиот институт во Жарково.
Тој ги отфрли обвинувањата на опозицијата за изборни манипулации, посочувајќи дека Србија е единствената земја во светот која го повикала ОДИХР да присуствува на локалните избори.
Вучиќ додаде дека ќе му честита на секој што ќе победи на изборите, но дека никогаш, како што рече, нема да ги прифати лагите и измамите кои се дел од геополитичките игри во кои сакаат да ја уништат Србија.
Српскиот претседател, исто така, ги предупреди сите членови на Српската напредна партија (СНС) дека ќе бидат законски санкционирани доколку се обидат да направат каква било малверзација поврзана со изборите.