Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, по повод Денот на државноста на Србија-Сретење, доби честитки од повеќе светски претседатели меѓу кои од претседателот на САД, Џозеф Бајден, кој порача дека САД силно го поддржуваат патот на Србија кон пристапување во ЕУ, дијалогот со Косово и му се заблагодари за поддршката во Украина.
Американскиот претседател, меѓудругото, изјави дека се радува на зајакнување на економските врски и зајакнување на регионалната соработка.
– Изградбата на поуспешен и постабилен Западен Балкан е во интерес и на САД и на Србија, а во текот на следната година со нетрпение очекувам да ја унапредиме оваа цел преку зајакнување на регионалната енергетска безбедност и проширување на нашите економски врски, порача Бајден, се наведува во соопштението од кабинетот на Вучиќ.
Во честитката Бајден додаде дека „САД ја ценат поддршката што Србија и ја пружи на Украина во одбрана на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет кога таа се соочи со бруталната инвазија на Русија“.
– САД силно го поддржуваат и патот на Србија кон пристапување во ЕУ и остануваат посветени да и помогнат на Србија да ги зајакне своите демократски институции кон исполнувањето на оваа цел. Исто така ја охрабрувам Србија да продолжи со минатогодишниот напредок во дијалогот со Косово, со посредство на ЕУ. Договорот за нормализација и имплементација претставува клучни чекори кон помирна и поуспешна иднина на Србија, регионот и Европа, му порача Бајден на Вучиќ.
Денот на државноста на српскиот претседател му го честиташе и францускиот претседател Емануел Макрон.
-Поддршката за европската интеграција на Србија останува приоритет на нашето партнерство. Ќе можете да сметате на поддршката од Франција, за напорите што Србија ќе ги преземе соодветно да се земат предвид при нејзиниот процес за пристапување во ЕУ. Франција, исто така, ќе продолжи да го поддржува дијалогот што го олеснува ЕУ со цел нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, порача Макрон.