„Ние постапувавме внимателно во овој период и навистина не беше лесно да се изменаџира ситуација во која што и нема да влеземе во прекршување на Преспанскиот договор од една страна, а од друга страна граѓаните ќе ги добијат своите документи коишто им припаѓаат и коишто им се важни за нормално секојдневно функционирање, изјави заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„Вчерашното изгласување на Законот само им олесни на граѓаните да не бидат под притисок дека мора во овој период да се менуваат и возачките дозволи за користење во државата. Тоа го предложивме и со личните карти пред извесен период, но ВМРО-ДПМНЕ го блокираше во Собранието тој закон. Сега, еве вчера го прифатија за возачките дозволи, тоа е добар знак. Ние навистина се обидувавме и претходно и сега како Влада да најдеме решение кое што ќе биде во интерес на граѓаните, а нема да не воведе во нов спор со Грција“ посочи од Брисел, Маричиќ.
Тој истакна дека целта е граѓаните што побргу да ги имаат сите документи да можат слободно да ги користат надвор од државата.
„Знам дека не е едноставно ниту за актуелниот министер, ниту претходно, но сите треба да вложиме напори за да профункционира овој систем. Ние како владејачко мнозинство сме биле спремни секогаш и први реагиравме со предлогот којшто беше усвоен во Собрание“ – рече Маричиќ.