Ен-би-си: Бајден приватно го навредува Нетанјаху, но не ја менува американската политика кон Израел

Додека официјалната бројка на загинати Палестинци во Појасот Газа достигнува 28.000, претседателот продолжува да верува дека недвосмислената поддршка на Израел е правилна политика, вели Ен-би-си.

Претседателот Џо Бајден неодамна ја искажувал својата фрустрација во приватни разговори со донатори на својата кампања поради неуспехот да го убеди Израел да ја промени својата воена тактика во Појасот Газа, и рекол дека премиерот Бенјамин Нетанјаху е главната пречка за тоа, според пет лица што директно ги слушнале неговите коментари.

Бајден рекол дека се обидува да го натера Израел да се согласи на прекин на огнот, но Нетанјаху „му го загорчува животот“ и дека е невозможно да се справи со него, рекле луѓето што ги слушнале коментарите на Бајден, кои побарале да останат анонимни, пренесе американската ТВ-мрежа.

„Нему едноставно му е преку глава“, рекол еден од луѓето за ставовите искажани од Бајден. „Тоа мора да престане“.

Бајден последниве недели зборувал приватно за Нетанјаху, лидер што го знае со децении, со искреност што ги изненадила некои од оние што ги слушале неговите коментари. Неговите описи на односите со Нетанјаху се преполни со презир кон Нетанјаху, кого го нарекува „овој тип“, велат тие луѓе. А во најмалку три неодамнешни случаи, Бајден го нарекол Нетанјаху „шупак“ (asshole), според тројца луѓе што директно го слушнале.

Од нападот на палестински Хамас на 7 октомври врз јужен Израел и почетокот на војната во Газа, Бајден се обидува да го убеди Израел да ја промени својата воена стратегија, но Нетанјаху вети дека ќе води војна додека Израел „не постигне целосна победа“ и „не го уништи Хамас“.

Минатата недела Политико објави дека Бајден го нарекол израелскиот премиер „лошо факинг момче“, според неколку неименувани извори што разговарале со претседателот.

Портпаролот на Бајден, Ендрју Бејтс, подоцна изјави дека „претседателот не го кажал тоа, ниту би го рекол тоа“.

На прашањето за приватните изјави на Бајден за Нетанјаху, портпаролот на Советот за национална безбедност негираше дека односите се во криза, објавија израелските медиуми.

„Тоа е пријателство со почит и јавно и приватно, долго со децении, но претседателот јасно кажа каде не се согласува со премиерот Нетанјаху“, рече портпаролот.

Односите се разнишаа уште порано, за време на обидот на Нетанјаху да го реформира правосудниот систем на Израел, кога Бајден се обиде да изврши притисок врз израелскиот премиер да се откаже од планот, што предизвика длабоко незадоволство не само во Израел, а таму и демонстрации.

По неколку остри изјави, Бајден во март минатата година објави дека нема наскоро да го покани Нетанјаху во Белата куќа.

По нападот на југот на Израел на 7 октомври, американскиот претседател веднаш од срце ја изрази својата солидарност со Израел и ја објави својата поддршка, означувајќи ги акциите на Хамас како „чисто апсолутно зло“.

Помалку од две недели по нападот, тој пристигна во Израел за да се сретне со Нетанјаху и со семејствата на заложниците однесени во Газа, што беше добредојдено од Израелците и Евреите во дијаспората.

Во продолжението на воената офанзива, со зголемувањето на бројот на палестинските жртви во Газа и под зголемената закана од хуманитарна криза, Бајден видно го промени својот тон.

Објавувањето на приватните изјави на Бајден заедно со јавните предупредувања против планираната израелска воена офанзива во градот Рафа на југот на Појасот Газа, каде што од конфликтот се засолнети повеќе од милион раселени Палестинци, може да сигнализира натамошно влошување на состојбата во односите меѓу двајцата лидери, коментираат израелските медиуми.

Минатата недела Бајден рече дека израелската воена кампања е „претерана“ и дека тоа му го кажал и на Нетанјаху во телефонски разговор.

Белата куќа соопшти дека американскиот претседател му рекол на израелскиот премиер дека воената операција во Рафа не треба да продолжи „освен ако не постои веродостоен и остварлив план“ за заштита на Палестинците што таму се обиделе да побегнат од војната.