Трамп: Би ја охрабрил Русија да прави што сака со било која членка на НАТО ако не си ги плаќа обврските

Доналд Трамп изјави дека би ја охрабрил Русија да нападне која било членка на НАТО која не ги плаќа своите сметки. Тој откри дека еднаш му рекол на лидер на членка на НАТО дека не би штител нација која доцни со плаќањата доколку таа биде нападната од Русија и дури би го охрабрил агресорот да прави што сака со неа.

Белата куќа ги опиша овие негови коментари како ужасни и вознемирувачки.

Зборувајќи на митинг во Јужна Каролина, Трамп кажа дека го рекол ова на состанок на лидерите на НАТО. Тој се присети дека лидер на голема земја претставил хипотетичка ситуација во која таа не ги исполнува своите финансиски обврски кон НАТО и притоа се наоѓа на удар на Русија.

„Тој праша дали САД би ѝ помогнале на мојата земја во таа ситуација. Јас му реков дека е деликвент и дека не би го штител и дека би ги охрабрил да му прават што сакаат. Мора да се плаќа“, кажа Трамп на митингот.

Трамп долго време е критичен кон НАТО, сметајќи дека гаранцијата да се бранат 30 други држави е огромен финансиски товар за САД.

Русија ја почна инвазијата на Украина во февруари 2022, кога Трамп веќе не беше претседател на САД. Тој оттогаш ја критикуваше Белата куќа што ѝ дава толкава помош на Украина, иако таа не е членка на НАТО. Според податоците од декември, САД досега ја имаат поддржано Украина со 44 милијарди долари, но републиканците во Конгресот ја блокираат новата помош.