Цените на становите рушат рекорди, надминуваат и 2.000 евра

Цените на становите рушат рекорди. Секој месец се вивнуваат нагоре. Најскапи станови се продаваат во главниот град. Иако квадратен метар надминува и 2.000 евра, сепак има побарувачка…

Становите дефинитивно нема да поевтинат. Најскапо се движи квадратот во центарот на Скопје кој веќе надмина 2.000 евра, а не се исклучува да оди нагоре, пред сè во строгиот центар на градот, велат градежниците. Помалите станови достигнуваат цена и до 2.500 евра за квадрат. Оние од 40 метри квадратни се продаваат и од 100.000 евра, а гарсониерите од 30 квадрати за над 60.000 евра. Според инвеститорот Ивица Јакимовски тоа се должи на големата побарувачка и скапите репроматеријали.

Дополнителен проблем според бизнисмените е и одливот на квалификуван кадар, кој го има се помалку. Во Скопје веќе нема квалитетни локации за градба, велат инвеститорите. И оние што ги има, сопствениците на земјиштето го видоа трендот на раст на цените на становите и ги кренаа цените на парцелите.

Факт е дека цените на становите нема да поевтинат, велат инвеститорите, тоа е поради кризата и бранот поскапувања.

Според градежниците, треба да се направи поголема контрола за тоа кој гради, и пред сè што се гради, со цел да се стави крај на урбанистичкиот хаос не само во Скопје, туку и во останатите градови.

Само минатата година според државната статистика, цените на становите пораснале за близу 20%.