
Земјоделците во Грција одржаа голем протест за време на саемот Агротика во Солун вчера, поради растечките трошоци за производство, објави Катимерини.
Земјоделците се соочуваат со зголемувања на трошоците за производство поради неодамнешните поплави и шумски пожари. Тие се собраа пред центарот и одржаа протест на кој се заканија дека ќе ги блокираат и автопатиштата.
На собирот беа присутни претставнции на федерациите на земјоделци на Лариса и Кардица кои истакнаа дека наредните денови протестот ќе ескалира во поголем и помасовен.
Земјоделците истураа костени и јаболка на улицата и потоа со транспаренти се упатија на протестен марш.
Во петокот владата на Грција одобри нов пакет за поддршка на земјоделците во кој е предвидено намалување на даноците, пониски цени на струјата, ослободување од долговите и ветување дека ќе се забрза доставата на отштети од пожарите во централна Грција.
Асоцијациите на земјоделци овие мерки ги опишаа како капка во океанот и најавија дека ќе ги интензивираат нивните активности.