Постигнат договор во ЕУ, помош за Украина од 50 милијарди евра

Лидерите на сите 27 земји-членки на Европската унија постигнаа договор за пакет помош за Украина во износ од 50 милијарди евра на вонреден самит во Брисел, потврди претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Имаме договор. Сите 27 лидери се согласија за дополнителен пакет за поддршка од 50 милијарди евра за Украина во рамките на буџетот на ЕУ. Обезбедува стабилно, долгорочно, предвидливо финансирање за Украина“ – објави Мишел на социјалната мрежа Х.

Беше свикан итен самит за да се обиде да го добие договорот со Унгарија. На последниот самит во средината на декември 26 земји-членки постигнаа договор за помош на Украина, додека Унгарија остана против.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони одиграла „клучна улога“ во посредувањето со унгарскиот премиер Виктор Орбан, што доведе до тоа Будимпешта да се откаже од ветото против новиот пакет помош од ЕУ во вредност од 50 милијарди евра за Украина, соопшти канцеларијата на Мелони.

Мелони, наводно, разговарала со Орбан двапати лице в лице пред почетокот на самитот – во текот на ноќта и рано утринава, јавува АНСА, повикувајќи се на неименувани извори.

Агенцијата додава дека кабинетот на италијанскиот премиер е „многу задоволен“ што договорот е постигнат едногласно на вонредниот самит на ЕУ, бидејќи тоа „не се очекувало“.