Лани најмалку родени деца во историјата на Хрватска

Во 2023 година во Хрватска се родиле најмалку деца откако се достапни статистички мерења, а имало повеќе бракови, но и помалку смртни случаи, што донекаде ја подобрило негативната слика за природниот прираст, покажаа привремените податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во 2023 година имало 32.047 живородени деца или за речиси 2.000 помалку од 2022 година кога имало 34.027 живородени деца, со што продолжил трендот на значително намалување на бројот на живородени деца. На пример, во 2000 година се родиле 43.746 деца.

Податоците, пак, покажуваат дека во 2023 година починале дури 6.000 луѓе помалку од претходната година. Имено, минатата година починале 51.319 лица, а претходната година 56.979. За споредба, во 2020 година бројот на починати бил 57.023, а во 2021 година, кога коронавирусот бил на врвот, дури 62.712.

Значително зголемената смртност во 2021 година е последица на коронавирусот, од кој таа година во Хрватска починаа 8.557 лица, што влијаеше на вкупниот број на починати.

Благодарение на минатогодишниот пад на бројот на умрени, негативниот природен прираст на населението, односно разликата меѓу живородените и бројот на умрените е намален на минус 19.272 од минус 23.096.