Претседателот на Собранието, Јован Митрески очекува граѓаните да одберат иднина која е европска и која обезбедува подобра егзистенција. Според Митрески друга алтернатива освен европската нема.
-Очекувам дека граѓаните ќе одберат иднина која е европска, ќе одберат иднина која што обезбедува подобра егзистенција, ќе одберат иднина кон демократскиот свет, млада демократија која уште треба да работи на тоа прашање и ценам дека на крајот друга алтернатива освен европската ние немаме, затоа што досега не сме слушнале за друга алтернатива и на крајот граѓаните ќе донесат одлука да ја одберат оваа работа која што ние ја промовираме и работиме и таа што ќе ја понудиме на изборите, порача тој во дневникот на Сител ТВ.
Во врска со можни коалицирања со други партии, собранискиот спикер истакна дека се прават анализи и има разговори, но во моментов нема одлука како ќе се спроведе тоа на изборите.
Митрески информираше и дека се одржала првата координација, а координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не бил присутен.
-Имаше присутен пратеник од опозицијата кој сметал дека треба да биде присутен и беше коректен, прашуваше кои се плановите, кога ќе има седници, кога ќе има работни тела, прашуваше работи кои се односуваат на функционирањето на Собранието. Кажав и на првата изјава и од пленарната сала кога вршевме примопредавање на функцијата со г.Џафери, дека ќе направам се да бидам во комуникација со сите пратеници, со акцент на опозицијата затоа што сметам дека мора да има комуникација, но таа мора да биде двострана. Ќе направам се да се обезбеди нормално и ефикасно функционирање на Собранието, рече Митрески.
Во однос на тоа дали веќе потпишаните закони од Ковачевски можат да влезат во собраниска процедура, Митрески посочи дека такви случаи имало и претходно и притоа се осврна на процедурата, која налага собранието да се обрати до владата да извести кои се тие закони, а Владата одговара со тоа дали остануваат истите текстови и дали има промени.
Тој посочи дека добиена е потврда од старана на владата дека остануваат сите закони.
Прашан за законот за бранителите, тој информираше дека е во фаза на превод, како и дека очекува во најскоро нвреме да биде завршен и да биде ставен на седница на 7 февруари, прва наредна седница.
-Чинам дека законот е донесен од пред 3-4 месеци првата реторика беше дека тоа се прави за да се врати Груевски назад во државата, реченица која се користеше најмногу од опозицијата. И поминаа 3-4 месеци и се покажа дека тоа не е точно. Од друга страна, наша цел и тогаш и сега е правосудните органи, посебно судството е да носат одлуки брзо, да бидат ажурни во својата работа, нека носат одлуки според документите, доказите, тоа што го имаат како докази, според нивното верување, но да носат одлука. Ние имаме случај за одложување на судски рочишта со години заради тоа што обвинетиот немал документ за лична идентификација, вели собранискиот спикер.
Во врска со членот на ДИК кој треба да биде избран од редовите на албанската опозиција, Митрески информираше дека остварил комуникација со албанската опозиција, со цел да се најде начин да се избере член на ДИК, затоа што тоа е многу важно за да не се остави никаква дамка на организирањето на фер и демократски избори.
-Во следните денови ќе пробам да разговарам со сите пратенички групи, конечно да изнајдеме решение и по ова прашање. Затоа што изборот на член на ДИК се врши со дво-третинско мнозинство, посочи Митрески.