Зеленски се откажал од обидот да го смени генералот Залужни

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обиде да го смени врховниот командант на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни, од функцијата, но тој одби да ја послуша наредбата, а другите високи воени офицери не прифатија да ја преземат неговата функција. Ова го принуди Зеленски да се откаже од своите планови, јави ДПА.

Британскиот весник „Тајмс“ во вторникот објави дека Залужни бил повикан на приватна средба со Зеленски, според високи офицери. Таму биле присутни и советниците на украинскиот претседател.

Залужни за време на средбата, во понеделникот, им кажал дека нивната оценка за воената ситуација е попозитивна од она што всушност се случува на фронтот. Потоа е побарано од него да поднесе оставка.

Како што пренесуваат медиумите, кога генералот одбил, Зеленски рекол дека ќе потпише указ за негово отпуштање. Откако потенцијалните наследници на Залужни ја одбиле понудата за преземање на функцијата врховен командант, Зеленски беше принуден да отстапи и да го остави Залужни на позицијата.

Тајмс пишува дека Зеленски бил принуден да ја промени оваа одлука под притисок на САД и Обединетото Кралство, како и високи воени функционери.

За обидот за разрешување на Залужни објави и британски „Гардијан“, повикувајќи се на пратеници од опозицијата.

Украинското Министерство за одбрана ги негираше извештаите за разрешување на врховниот командант Залужни, објавени на Телеграм.

Односите меѓу Зеленски и Залужни со недели се оценуваат како затегнати поради неуспешната контраофанзива против руските сили.