Јовановиќ: Фискалната политика на Владата годинава е неповолна – кризата ќе се пролонгира

„Во време на криза државата треба да троши, за да имаат луѓето, за да не останат без работа. Македонската влада оваа година многу доцна го донесе пакетот на мерки. Добар беше, но откако помина акутната фаза на пандемијата, но годинава многу слабо трошеше. Дефицитот беше околу 7-8 %, а годинава рекоа дека дефицитот ќе е 4%, а е многу помалку. Капиталните инвестиции оваа година се реализираат помалку од 50%, поддршката е недоволна. Економскиот раст во 2021 година е многу слаб. Генералната оценка фискалната политика на Владата годинава е неповолна – кризата ќе се пролонгира“ вели професорот по економија, Бранимир Јовановиќ.

 

Тој во изјава за „Трилинг“ говореше и за прогресивното оданочување.

 

„Ние го воведовме прогресивното оданочување во 2018 година, тоа ги даде ефектите. Очекувавме дека ќе донесе повеќе од 30 милиони евра, за првите 6-7 месеци ги даде тие 30 милиони евра, до крајот на годината ги надмина очекувањата. Прогресивниот данок беше добар начин, но потоа видовме дека се направи преврат, олигарсите се побунија, не сакаа да плаќаат голем данок и се укина данокот“ смета Јовановиќ кој вели дека работничките права во Македонија се комплетно уништени.